Апелацискиот суд ја укина пресудата со која Лидија Димова, поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност беше осудена на двегодишна казна затвор за злоупотреба на службената положба и предметот го врати на повторно судење, дознава „Слободен печат“. Укинат е и делот со кој Димова требаше да врати 370 илјади евра кон Националната агенција. Според Апелација, во првостепената пресуда не било јасно за кои дејствија Димова се огласува за виновна а за кои дејствија се ослободува од обвинение.
Судот смета дека пресудата е нејасна и неразбирлива зашто од една страна Димова се осудува за „злоупотреба на службената положба“ а од друга страна се ослободува за „измама на штета на средства на Европската заедница“ без да се каже за кои дејства од второто дело се ослободува. Со други зборови, Апелација смета дека првостепениот суд морал во пресудата да наведе какви дејствија презела Димова а за кои дејствија се ослободува од вина.
Со обвинителниот предлог на Димова ѝ се става на товар дека од 2018 до 2020 година како директорка на Агенцијата која раководи со „Еразмус+“ програмата, со намера за друг да прибави значителна имотна корист ангажирала надворешни соработници, експерти и обучувачи без јавен конкурс. Исто така, ѝ се става на товар дека незаконски го спровела преселувањето и реновирањето на Националната агенција во нови простории, како и дека одобрувала исплата на дневници за патувања во странство.
Димова во интервју за „Слободен печат“ пред две години, изјави дека експертите ги ангажирала за да ги обучуваат наставниците и училиштата во Македонија како да повлечат европски пари бидејќи претходно истите биле злоупотребувани и тоа во износ од 2.2 милиони евра затоа што организирана мрежа дејствувала парите да завршуваат во два правни субјекти кои самите и си ги пишувале проектите а преку свои евалуатори и си ги одобрувале.
-Направивме обука, обучивме многу наставници, го зголемивме бројот на проектите и дури бевме и пофалени од Брисел дека тоа беше многу добра активност. Таа активност е дел од спорот за мене. И покрај тоа што Брисел ја пофали активноста, нашето Обвинителство ме обвинува дека сум ги злоупотребила парите, изјави тогаш за „Слободен печат“ Димова.
Таа во интервјуто додаде дека Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) ѝ дала писмо дека од нејзина страна нема никаква злоупотреба на европски средства, но дека македонскиот правосуден апарат смета дека двата предмети се неповрзани. Според Димова тие се и те како поврзани – таа изминативе години тврди дека тоа што самата ја урнала пирамидата на злоупотреби во Агенцијата вредна 2.2 милиони евра, претставувало основа да се почне постапка против неа.
Писмото со кое ОЛАФ информира дека Димова не направила проневера на европски средства
-Обвинета сум за злоупотреба на службената положба при јавните набавки. Во сите истраги ОЛАФ ме истражи мене и ми даде писмо дека нема никаква злоупотреба на европски средства. Но, нашите институции сметаат дека тој предмет немал врска со мојот. Како не ја гледаат врската не ми е јасно. Која штета сум ја нанела, кога ОЛАФ вели дека не е нанесена штета?, праша во интервјуто Димова.
Таа додаде дека Националната агенција користи пари од Европската унија, а од домашниот буџет користи пари само за плати и режиски трошоци. Таа смета дека јавната набавка за преселба во нов канцелариски простор, за која се товари дека ја спровела незаконски – всушност заштедила многу пари.
-Во времето кога бев директорка обезбедив канцелариски простор кој беше многу подобар од претходниот, скромно го опремивме и обележивме и практично заштедивме многу пари на Националната агенција. Претходно киријата што ја плаќавме пред преселбата беше 6 илјади евра месечно за 150 квадрати, рече Димова во тогашното интервју за „Слободен печат“.
Во меѓувреме, нема разрешница за злоупотребата тешка 2.2 милиони евра европски пари од програмата „Еразмус плус“ што ја откри и пријави самата Димова. За овие пари Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) побара да бидат рефундирани во касата, зашто биле злоупотребени од 2016 до 2018 година. ОЈО ГОКК преку финансиската полиција „чешла“ 23 проекти по пријава од Димова. Таа поднесе кривична пријава против 23 лица, училишта, факултети. Главната измама според наведеното во кривичната пријава, се состои во тоа што две фирми пишувале проекти на сите овие ентитети, тие проекти подоцна биле одобрувани од Националната агенција преку нивни евалуатори, па парите оделе во училиштата, кои пак на јавни набавки ги доделувале овие пари во целост, до денар на двете фирми.
-Практично, парите наместо да завршат во некое училиште, завршуваа кај овие два економски оператори – изјави Димова во интервју за „Слободен печат“ пред две години.
Димова во текот на судската постапка против неа во повеќе наврати ги обвинуваше политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, односно велеше дека процесот против неа е политичка „монтировка“. Причината, како што повеќе пати изјави, ја гледа во тоа што му се спротиставила на екс-премиерот Зоран Заев и не ја повлекла кривичната пријава за злоупотреба на 2,2 милиони евра против 23 лица за злоупотреба на европски пари, меѓу кои првопријавеното лице било блиско до тогашната национална координаторка за евроинтеграции.
-СДСМ мораше да ја казни мојата непослушност зашто се спротивставив на партиското раководство кое бараше да ја повлечам кривичната пријава и да го исплатам другарот на Нола Исмаиловска, инаку првопријавен во кривичната пријава за злоупотребата на 2,2 милиони од Еразмус што државата ги врати лани. А ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна, ме искористи како жртвено јагне за да го одвлече вниманието од нивната сопствена улога во оваа измама – порача Димова во завршните зборови пред половина година.
Лидија Димова бара слобода, а нејзината пријава за злоупотребени 2.2 милиони евра европски пари уште е во предистрага
The post Апелација ја укина двегодишната затворска казна за Лидија Димова appeared first on Слободен печат.

