Орбан во шеснаесетгодишното владеење за Македонија не беше далечен европски лидер, тој беше политичка референца, симболички покровител и адреса кон која се гледаше со восхит. Тоа го видовме низ годините во политичката заштита што Будимпешта му ја даде на Никола Груевски, во медиумските и политичките врски со ВМРО-ДПМНЕ, а подоцна и во економското поврзување преку корозивни кредитни аранжмани и унгарско присуство во чувствителни сектори.
Не е доволно само да се каже дека Орбан загубил, треба да се каже и што точно е поразено со неговото заминување од власта, како политичка идеја што долго фрлаше сенка и врз македонската политичка сцена. Најнапред, се распадна илузијата дека Македонија може да оди напред така што ќе се држи ЕУ надвор од политичката агенда, а граѓаните ќе се тешат со суверенистички фрази и авторитарни пријателства. Падна и илузијата дека некој може да се претставува како демократ, а притоа да ја поткопува општествената кохезија, институционалната рамнотежа и вредносната насока на државата. Се покажа како погрешна и логиката дека политичката блискост со Орбан е некаква стратегиска предност за Македонија.

