Обвинителството денеска презентираше две видео-снимки од периодот кога Стојанче Јовановски заедно со Мартин Саздов и Ивана пристигнуваат кај Кривичниот суд со возилото на Саздов критичниот ден на 2 март околу 11 часот и 30 минути. На снимките се гледа како обвинетиот Јовановски, гестикулира со рацете, вика и ѝ објаснува нешто и ја удира Ивана со шлаканица по левата страна од лицето. Камерата што го снимила инцидентот е од катната гаража „судска палата“ а присутен на настанот бил и Мартин Саздов како што можеше да се види од снимката. Регистрирано е и дека Ивана се јавува на телефон да повика полиција.
Во досегашниот тек на процесот, Обвинителството изнесе снимка од „Сејф сити“ од втори март, на која се гледа дека во 11 часот утрината, три часа пред самоубиството, Стојанче Јовановски на јавен простор пред гимназијата „Нова“ во Тафталиџе, ѝ удира три шлаканици на Ивана. Истиот ден, два часа пред самоубиството, Јовановски според сведоци на рочиштето ја тепал Ивана и кај Кривичниот суд, ја давел во автомобил од што таа изгубила свест. Мартин Саздов, поранешен пријател на Стојанче а подоцна партнер на Ивана, изнесе тврдења дека малтретирањето на Ивана траело, дека таа се плашела од Стојанче, а во август 2025 година Стојанче ги оставил Катја и Ивана претепани на автопат во близина на Штип и си заминал за Скопје. Причината била во тоа што „се изнервирал што Ивана го згрешила патот на мапата за навигација“.

