За да има ефективна заштита од родово и семејно насилство треба функционален систем што нема да реагира отпосле, туку ќе делува превентивно. Потребно е одржливо финансирање, координација меѓу институциите и социјалните сервиси, економска сигурност на жртвите, како и бесплатна правна и психо-социјална помош. Исто така, требаат и програми за долгорочно закрепнување, посебни мерки за ранливи групи жени, жени со попреченост, постари жени, жени од рурални средини, притоа да се обучат службениците од центрите за социјални работи, полицајци и судии, но и да се обезбеди брза превенција и правна помош на секоја жртва.
Ова беше заклучено од учесниците на јавната расправа за Националната стратегија за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жени и семејно насилство 2026-2033, која се одржа при собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.
Според заменик министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, ова министерство прави „реформи за зајакнување на владењето на правото и континуирано унапредување на демократијата во целосната согласеност со меѓународните стандарди“.
„Со донесувањето на законот за спречување и заштита од насилство во врз жените и семејното насилство се воспостави формален инструмент за реформи, изградба на капацитети и воспоставување ефективен систем за превенција, заштита и поддршка на жртвите. Направивме суштински исчекор со измените на кривичниот закон. За прв пат се воведе јасна дефиниција за родово базирано насилство во врз жените, се прошири поимот на жртва, се инкриминира фемицидот како квалификуван облик на убирство и се воведуваат нови кривични дела како демнеење, полово, вознемирување и осакатување на женските полови органи и присилната стерилизација“, истакна Велковски.
Од друга страна, невладинитот сектор и луѓе експерти во полето, зборуваа за низа проблеми поврзани со родовото и семејно насилство.
Да се следат семејствата во кои има ризик од насилство, а полицијата да го спречува, побара народниот правобранител
Савка Тодоровска од Национален совет за родова рамноправност препорача одржливо финансирање и институционално признавање на СОС линиите, особено на 141 700, односно воспоставување посебна буџетска линија и долгорочно финансирање.
Анита Цоневска од организацијата „Жена“ од Делчево посочи дел од предизвиците со кои се соочуваат, нагласувајќи го недостатокот на сензитивност од специфичните потреби на жртвите од страна на оние што се на првата линија, МВР и центрите за социјална работа, слабости во меѓусекторската комуникација и документирање на случајот од релевантните чинители.
Поголем дел од жртвите не пријавуваат насилство поради недовербата во институциите и страв од откривање на нивните лични информации, смета таа, а предизвик е што руралните жени имаат ограничен пристап и едукативни материјали.
Елизабета Божиновска здружение ХЕРА, асоцијација за здравствена едукација и истражување смета дека како земја имаме голем напредок во делот на законска легислатива, стратегии и акциски планови, но оти недостасува спроведување.
Патот кон фемицидот е поплочен со зафрлени поплаки во полиција
Наташа Андиу од Комисија за спречување и заштита од дискриминација смета дека превенцијата е многу важна, но потребно е обезбедување видливост на сервисите за специјализирани услуги.
Стојан Мишев, здружение ЕСЕ рече дека треба промена од досегашниот пристап на државата на ова поле. Според него, неопходно е проактивни вклучување на Владата и Министерството за финансии. Паралално, побара да се наминат систематските проблеми и неоходно е да се адресираат на економските последици од семејното насилство.
„Економските последици од насилството се пречка за една жена да излезе од насилната заедница, да го пријави насилството, а оние што го пријавиле претставуваат пречка за да можат самостојно да продолжат со својот живот и да обезбедат соодветни животни услови за себе и за своите деца, рече Мишев, додавајќи го и долгорочното решавање на проблемот со домувањето по насилството.
The post Институциите да реагираат пред, а не отпосле, за да се спречи родовото и семејно насилство, бараат организации appeared first on Слободен печат.

